Централните банки меѓу борбата против инфлацијата и поддршката на економијата

29

Норвешката централна банка ја зголеми својата референтна каматна стапка за 50 базични поени (0,5 отсто) во четвртокот, што е најголемото поединечно зголемување од 2002 година, и не ја исклучи можноста за дополнително зголемување на каматните стапки во обид да се контролира инфлацијата. Одборот за монетарна политика на Норгес банка ја зголеми стапката на депозитите по видување од 0,75 на 1,25 отсто, што ја надмина својата мартовска прогноза за раст на еден отсто.

„Врз основа на тековната проценка на Комитетот за изгледите и билансот на ризици, референтната стапка најверојатно ќе биде подигната на дополнителни 1,5 отсто во август. Сегашниот побрз раст на каматната стапка ќе го намали ризикот инфлацијата да остане висока и потребата од заострување на монетарната политика“, велат од банката.

Ова е само најнова во серијата вести за зголемувањето на референтните каматни стапки, потег што моментално го користат централните банки ширум светот за борба против глобалната економска криза и зголемената инфлација. Во текот на изминатите четири месеци, креаторите на монетарната политика ширум светот најавија повеќе од 60 зголемувања на тековните клучни каматни стапки, што е најголем број од почетокот на 2000-тите.

До средината на јуни, најмалку 45 држави ги зголемија своите каматни стапки, според податоците на „ФактСет“ пренесени од Њујорк Тајмс. Многу централни банки се одлучија за најголем пораст на каматните стапки во последните две децении. Така, по Украина и Русија, кои очекувано забележаа најголем раст (15 и 10,5 отсто) во текот на оваа година, следува Шри Ланка со пораст од седум отсто, Египет, Аргентина и Гана со два отсто и Колумбија со еден отсто . Американскиот ФЕД ги зголеми каматните стапки за 0,75 отсто, додека Европската централна банка за јули го најави првото зголемување на каматната стапка во последните 11 години.

Со заострување на монетарната политика, банкарите се обидуваат да го забават растот на цените, но во исто време да ја балансираат евентуалната стагнација на економскиот раст од друга страна, како и евентуалната појава на стагфлација.

Секако, граѓаните и стопанството може да очекуваат поскапи пари во наредниот период, така што кредитите ќе бидат помалку достапни, а растот на каматите може да ги зголеми месечните рати на кредитите кои се веќе во отплата.

Европската централна банка го објави првото зголемување на каматните стапки по 11 години

Европската централна банка (ЕЦБ) на 9 јуни објави дека следниот месец ќе го направи првото зголемување на каматната стапка во последните 11 години, по што ќе следи уште едно зголемување во септември. Притоа, таа се обидува да ги следи другите централни банки ширум светот кои полека го менуваат својот курс на поддршка на економијата за време на пандемијата на коронавирусот за да ја спречат зголемената инфлација.

Ненадејната најава за зголемување од две четвртини процентни поени дојде откако 25-члениот совет за монетарна политика на банката се состана во Амстердам и рече дека инфлацијата станала главен предизвик и дека се проширила и засилила во 19 земји кои користат евро. ЕЦБ, исто така, ќе ја заврши својата програма за економски стимул во јули.

Со зголемувањето на цените за 8,1 отсто годишно во мај, што е највисока стапка на инфлација од почетокот на статистиката во 1997 година, централната банка на овој начин се обидува да ја достигне целта од 2 отсто. Од ЕЦБ најавија и можност за уште подрастично зголемување на каматните стапки за половина процентен поен во септември.

Најголем пораст на каматата на ФЕД од 1994 година

Американската централна банка (ФЕД) на 15 јуни го одобри најголемото зголемување на каматните стапки од 1994 година и посочи дека ќе продолжи да ги зголемува со најбрзо темпо во последните неколку децении во обид да ја заузда инфлацијата. Претставниците на ФЕД ја зголемија каматната стапка за 0,75 отсто, што ја зголеми вкупната референтна стапка на федералните фондови меѓу 1,5 и 1,75 отсто.

Одборот за отворен пазар на ФЕД (FOMC) ја истакна својата посветеност за намалување на зголемената инфлација, велејќи во изјавата по состанокот дека е „силно посветена на враќање на инфлацијата на целта од 2%. Некои членови на ФЕД очекуваат дека референтната каматна стапка ќе достигне 3,4 отсто до крајот на тековната година, што е за 1,5 отсто повеќе од мартовската проценка.

Банката на Англија по петти пат ја зголемува основната каматна стапка

На 16 јуни, Банката на Англија ја зголеми основната каматна стапка по петти пат по ред, за да се справи со стапката на инфлација која се приближи до 11 отсто, поради зголемените сметки за енергија во домаќинствата.

Комитетот за монетарна политика на британската централна банка (MPC) гласаше за зголемување на основната каматна стапка за 0,25 отсто, токму според очекувањата на економистите. Каматната стапка, која до неодамна беше негативна, сега достигна 1,25 отсто, како одговор на највисоката инфлација во последните четири децении.

Кина не ги менува каматните стапки

Кинеските каматни стапки останаа непроменети бидејќи азиската земја се одлучи за поблага монетарна политика за да го поттикне закрепнувањето на економијата погодена од пандемијата на коронавирусот. Примарната каматна стапка на едногодишниот кредит по 20 јуни се задржа на 3,70 отсто, додека на петгодишниот 4,45 отсто.

Кина цврсто се придржуваше до својата претходна монетарна политика во однос на корпоративните заеми и заемите на домаќинствата. Сепак, зголемувањето на референтните каматни стапки во централните банки ширум светот негативно влијае на одлуката на Пекинг да ја стимулира домашната економија со намалување на каматните стапки. На пазарите постои верување дека креаторите на монетарната политика во Кина се внимателни кога станува збор за ризикот да падне вредноста на јуанот и дека тоа ќе го поттикне одливот на капитал доколку одлучат да продолжат со монетарното олеснување, пренесува Бизнис.рс.

Швајцарските каматни стапки растат за прв пат од 2007 година

Швајцарската национална банка (SNB) на 16 јуни објави дека ќе ја зголеми референтната каматна стапка за 0,5 отсто, од минус 0,75 на минус 0,25 процентни поени. Ова е прво зголемување на каматната стапка од септември 2007 година, а потегот на СНБ се смета за нешто изненадувачки, бидејќи беше навестен во јули.

„Построгата монетарна политика има за цел да го спречи ширењето на инфлацијата на стоки и услуги во Швајцарија. Не може да се исклучи дека во догледно време ќе биде неопходно дополнително зголемување на каматната стапка“, се вели во соопштението на СНБ.