Црна Гора губи по 30 милиони евра поради закуп на станови “на црно“

60

Во Црна Гора има околу 100.000п потстанари, па државата поради неоданочување на закупот на станови годишно губи и до 30 милиони евра. Од тамошното Здружение на потстанари, велат дека би било добро државата да воведе ред на пазарот и да го оданочи изнајмувањето на станови. Парите од оданочувањето на закупот на станови би требало да се користи за станбен фонд, односно за изградба на станови и обезбедување покрив на глава за голем број лица, пренесува Cafe del Montenegro.

“Цените на закупнините често се премногу високи и повеќето граѓани кои работат за плата од 300 евра, а плаќаат кирија 200 евра навистина не можат да издржат. Државата баш и нема некоја голема улога и волја да помогне, лично не знам дали постои било каква услуга во служба на државата што им помага на потстанарите“, вели Сања Букилиќ од здружението.

Таа оценува дека не е во ред на државните функционери со високи плати да им се продаваат станови со месечна рата од околу 70 евра.

“Многу е важно да се направи фонд за помош бидејќи е многу дискриминирачки некој кој прима плата од над 1.000 евра, има услови да купи стан по нереални поволности и плаќа рата за тој стан од 60 д0 70 евра, а луѓе кои живеат на раб на егзистенција и преживуваат со 300 евра и тоа како потстанари, не можат да си го дозволат тоа“, вели таа.

Според здружението, секое издавање на станбена единица којашто е во сопственост на граѓанин, има облик на економска дејност и како таква мора да биде оданочена и од тие средства да се решат проблемите на потстанарите.

Фото: Pexels