Црногорците ќе привлекуваат “енергетски“ туристи

69

Додека Европа се подготвува за сурова зима со строга контрола на користењето на природниот гас, нејзините граѓани веќе почнаа да резервираат хотели во Турција за да ги поминат студените месеци, а истото важи и во Хрватска.

Популарно ги нарекуваа „енергетски“ туристи. Токму затоа Црна Гора минатата недела учествуваше на саемот во Лондон со кампањата „Долго да останете во Црна Гора“, бидејќи во некои земји сметките за енергија ќе се зголемат за 200 проценти – изјави Сања Марковиќ, секретарка на Одборот на Здружението за туризам и угостителство на Црногорската Стопанска комора.

Како што објасни таа, „енергетските“ туристи се нова категорија на патници поради актуелната енергетска криза.

Нивната тенденција е да ја поминат зимата во атрактивни туристички дестинации, водејќи сметка за намалување на трошоците за живот, вклучително и ограничување на потрошувачката на енергија во нивните матични земји. Во прашање се туристите заинтересирани за подолг престој, особено во периодот за време на зимската сезона и летната претсезона – се наведува во соопштението.

Во таа насока, Управниот одбор на Здружението за туризам и угостителство иницираше состанок на 18 октомври со цел да започне кампања за промовирање на Црна Гора како достапна и конкурентна дестинација, каде што гостите од Западна и Централна Европа ќе можат да останат подолго и да уживаат во сонце и гостопримство.

Како што додаде таа, Турција очекува оваа зима сите сместувачки капацитети да достигнат високо ниво на исполнетост со посетители од Европа поради недостигот на природен гас и зголемувањето на цените на енергијата во нивните матични земји.

Во Хрватска веќе започна зимската чартер програма која ќе го поврзе Дубровник со дестинации во Германија, Скандинавија, Белгија и Обединетото Кралство. Зимава Дубровник со редовни линии ќе се поврзува со Барселона (Вуелинг), Лондон (Бритиш ервејс) и Истанбул (Туркиш ерлајнс). Се очекува само една туристичка агенција (W Touristic) да донесе повеќе од 58.000 гости од Германија во Дубровник, главно пензионери со поголема куповна моќ – рече Марковиќ.

Како што посочува, црногорската туристичка индустрија влезе во период од годината кој се карактеризира со значително намалување на деловната активност и посетите на гости, па затоа е неопходно да се вложи дополнителен напор за да се привлечат што повеќе гости во пост- сезонски период, особено од Западна и Централна Европа.

Европа ја доживува својата најтешка енергетска криза во последните 50 години, при што растечките цени на енергијата дополнително ја поттикнуваат постоечката инфлација што може да го турне континентот во рецесија.