Црногорците сакаат работно време од седум до 15 часот

21

spie na rabota

Комисијата за политички системи на црногорската Влада треба да донесе одлука дали ќе ја усвои иницијативата на Министерството за внатрешни работи за измена на работното време од седум до 15 часот, јавуваат тамошните медиуми.

Доколку Комисијата го прифати предлогот работното време на државната администрација наместо од девет да започне во седум часот, Владата на Црна Гора на следната седница ќе треба да заземе став околу тоа прашање.

Службениците на црногорското Министерство за внатрешни работи оваа година до министерот Рашко Коњевиќ поднесоа иницијатива за измена на работното време, која ја потпишаа повеќе од 300 вработени. Министерот по поднесување на иницијативата поднесе допис до останатите министри во институциите за кои се надлежни, како и во органите на управа над кои вршат надзор, да спроведат анкета меѓу вработените за да се изјаснат во поглед на работното време.

Од вкупно 5.131 анкетирани службеници, поголемиот дел се залагаат за промена на работното време. Во 16-те Министерства анкетен лист пополниле 1.985 службеници, од кои 1.340 се изјасниле работното време време да почне во седум, а да заврши во 15 часот, а 598 се за работно време од осум до 16 часот.

Службениците на Министерството за внатрешни работи својата иницијатива ја образложиле со тоа дека со пораното доаѓање на работното место тие ќе бидат попродуктивни, а пораното заминување дома ќе им остави повеќе време за завршување на приватните работни обврски.