Фото: Pixabay
Не знам дали ја знаете оваа фраза „црвот во јаболкото“. Црвот ќе расипе едно јаболко, тоа ќе расипе друго и така по ред сите јаболка ќе се расипат. Така е и во тимот.
Кога припадник на тимот се однесува несоодветно и ги наметнува само своите барања или потреби, а всушност, не го интересира тимот, има големи шанси тој/таа да ја наруши целата кохезија на тимот, што неминовно доведува до намалена продуктивност, доцнење во исполнување на задачите и обврските и на крај распаѓање на тимот.
Затоа, „црвот во јаболкото“ треба да го најдете веднаш, затоа што што подолго е во „јаболкото”, толку повеќе другите членови ќе бидат фрустрирани и незадоволни. Еве ви неколку сигнали за „црвот во јаболкото“:
- Негативизам – кога се зборува или се критикуваат други, нема проблем, но кога ќе се говори или критикува проблематичната личност, тогаш настануваат проблемите. Критиката знаат да ја претворат во негативно и тој негативизам да го рашират и кај другите колеги кој ако не го забележите навреме, може да се направи голем проблем.
- Намалување продуктивност – овие луѓе знаат да поминат низ животот многу лесно со тоа што прават онолку колку што мислат тие дека треба да прават, но не и малку повеќе од тоа. Не можеш да им се налутиш затоа што не прават ништо лошо, но од друга страна, пак, не можеш ни да ги пофалиш. Со тек на време, тоа однесување преминува и кај другите членови на тимот – што бе, јас да не сум глуп што волку работам?
- Озборување – да бидеме реални, сите ние озборуваме и во зависност од мерките, тоа може да биде конструктивно и да доведе до зголемување на продуктивноста. Но преголемо озборување веќе знае да биде и контрапродуктивно и да ги насочи членовите на тимот еден против друг. Тоа е целта на овие личности.
- Нестручни мили луѓе – мили и фини, секогаш од помош за другите, но најчесто за небитни работи, а кога се работи за работа, тие се тотално нестручни или едноставно не се за таа работа. Колку пати да им објаснувате за нивните задолженија или да ги едуцирате, едноставно работите не ги извршуваат како и кога треба.
- Однесување – однесувањето кај овие луѓе е различно од оние кај другите. Цело време нешто се бунат, цело време нешто бараат, цело време мислат дека нешто е против нив… но и добиваат на крај сето она за што се бунеле, независно дали се во право или не. Тоа, пак, предизвикува незадоволство кај другите колеги.
Иако ги наведовме некои од сигналите, верувајте, не е едноставно ниту лесно да го најдете „црвот“. Но, кога веќе некои од горенаведените параметри ви се на повидок, тогаш сте многу блиску до идентификацијата. И веќе кога сте го нашле имате две опции: или да го отстраните или да пробате да го вклучите во системот:
- Претпоставки – многу често донесуваме претпоставки за нечии постапки иако имаме недостаток од информации иако сите знаеме дека претпоставките се почетокот на секој проблем. Затоа, немојте да претпоставувате, туку убаво истражете ја ситуацијата и најдете ја причината.
- Разговарајте – секој разговор може да доведе до решение на проблемот. Само со разговор нема да донесувате претпоставки туку сето она што го имате заклучено ќе биде врз основа на вистински информации, информации од „прва рака“.
- Вклучување – најдете го интересот и искористете максимум од него. Вклучете го во тимот доколку има можност.
- Ревизија – направете ревизија на очекувањата од личноста, но и од целиот тим. Дефинирајте ги убаво улогите на секого во тимот.
- Промени во мотивација – идентификувајте ги новите можности за мотивација. Можеби она што до сега било мотивација, веќе не е, па е потребна промена.
Со успех во промените.
Ако имате прашање за Калин Бабушку, можете да го поставите на Бизнис советник.