Цукерберг развива вештачка интелигенција за да создаде виртуелни светови

63

Компанијата „Мета“, сопственик на Фејсбук, развива вештачка интелигенција со цел да изгради виртуелни светови преку превод на говор и јазик, објави во средата нејзиниот извршен директор Марк Цукерберг.

Цукерберг е убеден дека „метаверзумот“, футуристичка идеја за виртуелни светови во кои корисниците можат да работат, да се дружат или да играат, ќе биде наследник на мобилниот интернет.

За метаверзумот, дигиталниот свет во кој се спојуваат физичката и виртуелната реалност, Цукерберг вели дека тоа е на многу начини врвниот израз на социјалната технологија.

„А клучот што ја отвора вратата за напредок е вештачката интелигенција“, рече Цукерберг на настанот „Inside the Lab“ организиран од неговата компанија.

„Мета“, рече тој, „работи на нова класа модели на вештачка интелигенција што ќе им овозможи на луѓето да го опишат светот и да создаваат делови од него“.

Тој го илустрираше ова со концептот на вештачка интелигенција „Builder Bot“ кој им овозможува на корисниците да опишат што сакаат да создадат со вештачката интелигенција. Како пример, тој претстави аватар на островот кој во својот говор нареди вештачката интелигенција да создаде плажа и да додаде облаци, дрвја, па дури и ќебиња за пикник.

„Како што напредува оваа технологија, ќе можеме да создаваме нијанси на светови за да можеме да истражуваме и споделуваме искуства со другите само со помош на глас“, рече Цукерберг.

Тој рече и дека „Мета“ работи на егоцентрични податоци, кои вклучуваат гледање на световите во „прво лице“, заедно со конзорциум од 13 универзитети и лаборатории.

Се создава единствен систем на вештачка интелигенција кој ќе овозможи превод меѓу сите пишани јазици, а се работи и на универзален преведувач на говор.

„Мета“ неодамна објави дека нејзиниот истражувачки тим развил нов суперкомпјутер за вештачка интелигенција кој, кога ќе биде завршен во средината на 2022 година, ќе биде најбрзиот во светот.