Албански тур-оператори од денес до петок се во посета на Македонија, со цел запознавање со туристичките понуди и атракции кои земјава ги нуди. Најголем акцент на посетата е ставен на ловниот туризам, спортскиот риболов и планинскиот туризам.
Албанските тур-оператори ќе посетат повеќе локации и туристички центри, главно од регионот на Охрид (Свети Наум, Националниот парк Галичица и Билјанини Извори), Маврово (Национален Парк, реката Радика и село Јанче) и Скопје (Ловниот резерват Јасен и Кањонот Матка).
За време на посетата тие ќе се сретнат и ќе разменат искуства со колегите од Македонија, здружението на ловци и спортски риболов.
Посетата на тур операторите од Албанија станува традиционална и има за цел да го зголеми интересот на туристите за планинскиот туризам, лов и спортски риболов во Република Македонија, како и да ги прошири можностите за економска соработка меѓу двете земји.
Организатори на посетата се Агенција за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија во соработка со Унијата на тур-оператори на Албанија (УТОА) и Албанската асоцијација за туризам.