Турција добива аеродром вреден околу 26 милијарди евра

22

Фото: Pixabay

Турција добива мега аеродром чија вредност се проценува на околу 26 милијарди евра, пишува Daily Sabah.

По 42 месеци вчера официјално беше завршена првата фаза од изградбата на овој аеродром, сместен во градот Истанбул, а чинеше околу шест милијарди евра. Во рамки на оваа фаза ќе започнат со работа две писти, во должина од 3.750 и 4.100 метри, контролна кула и придружни објекти. За време на изградбата се ангажирани околу 20.000 работници.

Другите фази од изградба на Истанбулскиот аеродром, што се простира на површина од 76,5 милиони метри квадратни, планирано е да завршат до 2023 година. Аеродромот ќе има вкупно шест писти и ќе располага со капацитет од околу 500 авиони. Отворениот и затворениот паркинг на аеродромот ќе може да опслужи околу 70.000 автомобили.

Во рамки на мега аеродромот ќе биде сместен и голем трговски комплекс, во чии рамки ќе има Free shop и луксузни продавници.

До крајот на годината, новиот аеродром ќе може да опслужи 90 милиони патници со терминал што се протега на површина од 1,4 милиони метри квадратни. До 2028 година на Истанбулскиот аеродром ќе може услугите да ги користат 200 милиони патници, со што ќе стане најголемиот аеродром во светот.