Турција го удвои увозот на руска нафта оваа година

Турција го удвои увозот на нафта од Русија оваа година, покажуваат податоците на компанијата за финансиска анализа Refinitiv Eikon, додека двете земји ја продлабочуваат соработката во време кога се на сила западните санкции против Москва, објави Ројтерс.
Трговијата меѓу Турција и Русија цвета од пролетта, бидејќи на турските фирми не им е забрането да соработуваат со руски компании.

Ова ја пополни празнината создадена со повлекувањето на компаниите кои доаѓаат од Европската унија откако Русија ја започна својата инвазија на Украина.

Турција годинава го зголеми увозот на нафта од Русија на над 200.000 барели дневно, додека во истиот период лани увезуваше 98.000 барели дневно од оваа земја, наведува Refinitiv.

Турција не воведе санкции кон Русија и наведува дека сè уште се потпира на руските енергетски испораки.

Рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се сретнаа на почетокот на август во Сочи, Русија и се договорија за зајакнување на деловната соработка.