Турција и Русија ја договараат трасата на гасоводот Турски тек

15

tr

Турскиот министер за енергетика Танер Јилдиз и првиот човек на руски Газпром, Алексеј Милер, вчера четири часа летаа со хеликоптер над Црното море и ја разгледуваа можната траса на гасоводот Турски тек, пишува Хуријет.

Како што изјави турскиот министер, истражувачка комисија наскоро ќе поднесе извештај за првите проценки за гасоводот. Комисијата ќе биде составена од членови на Газпром и на турската корпорација Боташ.

Во декември минатата година, Русија се откажа од проектот Јужен тек со кој требаше да ја снабдува Европа со гас. Рускиот претседател Владимир Путин понуди нова траса преку Црното море, кој ќе почнува од турскиот град Лулебургаз и ќе води до граничниот премин Ипсала на турско – грчката граница.

Како што изјави Милер, првиот крак ќе обезбеди околу 16 милијарди метри кубни природен гас за потребите на Турција. Гасоводот ќе има вкупно четири крака и ќе испорачува 63 милијарди кубни метри гас. Првата испорака се очекува во декември 2016 година, но сè уште нема точен датум за потпишување на договорот меѓу Русија и Турција за почеток на изградбата на гасоводот.

Милер не очекува проблеми во однос на регулативите на ЕУ.

Фото: AA