Турција: Извозот на одбранбената индустрија надминува три милијарди долари

30

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, во обраќањето на свеченото отворање на 15. издание на Меѓународниот саем за одбранбена индустрија (IDEF) истакна дека Турција во изминатите две децении остварила огромен успех и напредок во областа на одбранбената индустрија, јавува Агенција Анадолија (АА).

“Турција во последните 19 години направи револуција во одбранбената индустрија, токму како и во многу други области“, истакна Ердоган. Тој нагласи исто така дека Турција во последните години во огромна мерка ја намалила зависноста од надворешната одбранбена индустрија.

“Зависноста на турската одбранбена индустрија од увезени елементи е намалена од 80 на 20 проценти. Денес, Турција е меѓу трите или четирите водечки земји во светот во дизајн, производство и продажба на вооружени беспилотни летала кои веќе го докажаа својот успех на теренот“, рече Ердоган и додаде:

“Нашиот извоз во областа на одбраната и воздухопловството, што претходно не достигнуваше ниту 250 милиони долари, ја надмина границата од три милијарди долари.“

Тој истакна дека Турција ќе продолжи со големите проекти во областа на одбранбената индустрија и во наредните години.

Како што рече, Меѓународниот саем за одбранбена индустрија во Истанбул станал еден од најголемите саеми од ваков вид во светот.

“Договорите што ќе бидат потпишани на саемот во Истанбул се показатели дека нашиот саем веќе зазеде глобална позиција во областа на одбранбената индустрија“, посочи тој.

Ердоган изјави дека Турција е земја која со задоволство ги споделува со своите пријатели сите достигнувања и способности што ги разви во областа на одбранбената индустрија.

На саемот IDEF беа претставени најновите воени производи и опрема од Турција и светот.

Четиридневниот настан се одржува под покровителство на Кабинетот на турскиот претседател, а домаќин и организатор е турското Министерство за одбрана и Фондацијата на Турските вооружени сили.

На саемот во Истанбул учествуваат 536 домашни и 700 странски компании. На настанот се очекува да присуствуваат 97 високи функционери од целиот свет – 31 владин министер, 33 началници на Армијата и 33 генерали на Копнената армија.

Фото: Facebook