Турција преговара за коридор за извоз на жито со Русија и Украина

38

Турција преговара со Русија и Украина за отворање на коридор преку Босфорот за извоз на украинско жито, јавува Ројтерс, повикувајќи се на изјава на висок турски функционер.
„Турција преговара и со Русија и со Украина за извоз на жито од Украина. Постои барање житото да стигне до крајните дестинации со отворање коридор низ Турција. Преговорите сè уште траат“, изјави турскиот функционер за британската агенција под услов да остане анонимен бидејќи разговорите се доверливи.

Повеќе од 20 милиони тони жито се „заробени“ во силоси во украинските пристаништа на Црното Море, кои се блокирани од почетокот на рускиот напад врз Украина во февруари оваа година.

Русија и Украина учествуваат со речиси една третина во глобалното снабдување со пченица, а блокадата на извозот од Украина придонесува за светската прехранбена криза.

Кабинетот на турскиот претседател Таип Ердоган не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Андреј Руденко во средата изјави дека Москва е подготвена да обезбеди коридор за бродовите што превезуваат храна во замена за укинување на некои западни санкции.

Два други одделни извори запознаени со активностите на турската влада потврдија дека се водат разговори за Турција за помош во испораката на украинското жито.

Турција, која се граничи и со Русија и со Украина на Црното Море, има добри односи со двете земји, иако ја осуди руската инвазија.