Турција влегува во рецесија, каматните стапки остануваат високи

149

Турската економија се намали за 0,2 отсто на квартална основа во периодот од јули до септември, објави во петокот Турскиот статистички институт. Ова намалување следи по падот од иста големина во вториот квартал, што потврдува дека економијата е во рецесија.

Турција во третиот квартал забележа раст од 2,1 отсто на годишна основа, по 2,4 отсто во периодот од април до јуни. Трошоците на домаќинствата се намалени за 0,3 отсто на квартална основа, додека државните трошоци се намалени за 0,4 отсто.

Споредено со претходната година, според Еуроњуз, потрошувачката на домаќинствата е зголемена за 3,1 отсто, додека државната потрошувачка е намалена за 0,9 отсто.

„На минатонеделниот состанок Централната банка сугерираше дека верува дека домашната побарувачка забавува, а денешните податоци го поддржуваат тој став. Ова би можело да ги зголеми очекувањата дека централната банка би можела да ги намали каматните стапки уште на состанокот во декември“, рече Николас Фар, економист за европски пазари во развој во Капитал економикс. Тој нагласи дека тоа би можело да биде „предвремен чекор“.

Инфлацијата во Турција останува висока и во октомври достигна 48,6 отсто на годишно ниво. Фар предвиде дека намалувањето на каматните стапки најверојатно ќе започне на почетокот на следната година.

Основната каматна стапка се одржуваше на 50 отсто осум последователни месеци, со што се намалија расходите.

Во третиот квартал увозот на стоки и услуги е намален за 9,6 отсто на годишна основа, што и овозможи на Турција да го намали трговскиот дефицит.