Турција заработи 25,7 милијарди долари од туризмот и покрај малиот пад на туристите

25,759 милиони туристи ја посетија Турција од јануари до јуни, што е за 2,4 проценти помалку во споредба со истиот период минатата година

Турција заработи 25,746 милијарди долари приходи од туризам во првите шест месеци од оваа година, што е речиси на исто ниво како и во истиот период минатата година, и покрај малиот пад на бројот на странски посетители поради регионалните геополитички тензии, изјави денес турскиот министер за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој.

Ерсој изјави дека 25,759 милиони туристи ја посетиле Турција од јануари до јуни, што е за 2,4 проценти помалку во споредба со истиот период минатата година, објави Анадолија.

Најмногу посетители дошле од Русија – 2,65 милиони, Германија – 2,44 милиони и Обединетото Кралство – 1,58 милиони.

Според него, просечното времетраење на престојот се зголемило од 9,96 на 10,01 ноќевања, додека просечните трошоци по посетител се зголемиле од 106 на 109 долари.

Турскиот министер оценил дека конфликтите на Блискиот Исток, вклучувајќи ги и тензиите меѓу Иран, Израел и САД, имале негативно влијание врз меѓународниот туризам, но изразил очекување дека секторот ќе се врати на раст веќе во третиот квартал, благодарение на интензивните промотивни кампањи и мерките за државна поддршка.

Ерсој потсети дека владата обезбедила пакет за поддршка на туризмот во вредност од околу 1,1 милијарда евра во кредити, дополнителни 110 милиони евра за субвенционирање на вработените во туристичкиот сектор, како и привремено намалување на данокот за сместување на еден процент до крајот на годината.