На Саемот за туризам Травел шоу, во австрискиот град Ветманштатен беше претставена туристичката понуда на Охрид како дестинација и дел од ексклузивните кружни туристички тури што ги организира и нуди реномираната компанија за организација на туристички патувања GEGG Reisen.
Освен преку пропаганден материјал, Охрид ги презентираше своите туристичките потенцијали и преку богата трпеза со традиционални охридски специјалитети.
На саемот во Австрија присуствуваше делегација составена од претставници на Општина Охрид, на ХОТАМ, угостителскиот сектор и медиумите.
Делегацијата предводена од градоначалникот Никола Бакрачески, оствари средби со извршните директори на австриската компанија за организирани туристички патувања. На средбите беше договорен план за натамошна соработка, односно остварување на можноста за организирање на посебна тура кој би била наменета исклучиво за Македонија, со што Охрид би добил уште поголем број на туристи од Австрија кои би оствариле и поголем број на ноќевања во градот.
Воедно беше остварена и средба со градоначалникот на Ветманштатен, кој како домаќин го изрази задоволството од учеството на саемот, и својата поддршка за понатамошните активности во однос на промоцијата на Охрид пред австрискиот туристички пазар.