
Турскиот национален авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ ќе биде меѓу петте најголеми авиокомпании во светот до 2033 година, кога ќе достигне флота од 813 авиони, изјави во вторник извршниот директор на авиокомпанијата, Билал Екси.
Флотата на „Туркиш ерлајнс“ порасна од само 65 авиони во 2003 година на 514 денес, нагласи тој, пренесува агенцијата Анадолу.
„На 100-годишнината од „Туркиш ерлајнс“ во 2033 година, ќе достигнеме 813 авиони. Кога ќе стигнеме до оваа точка, ќе бидеме една од петте најголеми авиокомпании во светот. Нарачани се речиси 600 авиони. Очекуваме тие да се приклучат на нашата флота во следните 10-12 години“, рече тој.
Нагласувајќи дека целото финансирање на авионите ќе биде покриено од сопствени средства на компанијата, Екси рече дека на овој начин ја градат „Туркиш ерлајнс“ во следните десет години и дека планираат да ја удвојат големината на компанијата.
Тој изјави дека „Туркиш ерлајнс“ сега лета во 132 земји во светот и дека е деветта компанија по број на авиони.











