„Туркиш ерлајнс“ во третиот квартал оствари добивка од 1,5 милијарди долари

114

„Туркиш ерлајнс“ во третиот квартал од годинава оствари нето добивка од 1,5 милијарди долари, што е за 19,6 отсто помалку во споредба со истиот период лани.

Приходите на националната авиокомпанија се зголемени за 4,9 отсто на годишна основа на 6,6 милијарди долари во периодот јули-септември, јавува Anadolu Agency.

„И покрај тековните глобални геополитички тензии, тесните грла во производството на авиони и проблемите со моторот, „Туркиш ерлајнс“ го продолжи својот раст непречено благодарение на својата агилност и широката мрежа на летови, зголемувајќи го капацитетот на патниците за 5,4 отсто во третиот квартал од 2024 година“, се вели во соопштението .

Авиокомпанијата превезла 24,5 милиони патници во тримесечниот период.

Приходите од патниците, кои сочинуваа 84 отсто од вкупниот износ, се зголемија на 5,6 милијарди долари поттикнати од силната побарувачка од регионот на Далечниот Исток.

Приходите од карго во третиот квартал се зголемија за 47 отсто на годишно ниво на 911 милиони долари.

„Туркиш ерлајнс“ во првите девет месеци од оваа година го зголеми бројот на авиони за девет отсто на 467 „и покрај тесните грла во производството на авиони“.

Во периодот јануари-септември компанијата оствари нето добивка од 2,7 милијарди долари, што е нешто помалку од пред една година.