Турската централна банка ги намали каматните стапки на 13%

59

Tурската централна банка денеска неочекувано ја намали основната каматна стапка за 100 базични поени на 13%, наведувајќи го забавувањето на економската активност.

Ова е спротивно на светскиот тренд на заострување (зголемување) на каматните стапки и е факт, иако инфлацијата во земјата скокна во јули на близу 80% на годишна основа.

Банката ја одржуваше својата каматна стапка на 14% во изминатите седум месеци, откако агресивно ја намали за вкупно 500 базични поени до крајот на минатата година, иако цените во Турција веќе солидно растеа во тоа време. Тоа доведе до остра депрецијација на турската лира во декември 2021 година на рекордно ниско ниво од околу 18,41 лири за еден американски долар, при што локалната валута загуби околу 50% од својата вредност од почетокот на циклусот на намалување на стапката што започна минатиот септември.

Неортодоксните политики што ги заговара претседателот Реџеп Ердоган ги оставија реалните каматни стапки длабоко негативни, а денешната одлука само го зајакнува тој тренд.

Со денешната одлука вкупното намалување на турската основна стапка е веќе 600 базични поени.

Турската лира падна за речиси 1% во однос на доларот на околу 18,15 лири, што е намалување од околу 17,95 непосредно пред денешното изненадувачко намалување на стапката.