Турската централна банка ја задржа прогнозата за инфлација на 24 проценти

Турската централна банка сè уште верува дека инфлацијата во земјата ќе падне на 24 проценти на крајот од годината, додека прогнозата за следната година е зголемена од 12 на 16 проценти, објави гувернерот Фатих Карахан.

Разликата од четири процентни поени е резултат на очекуваните повисоки цени на храната, движењето на главниот тренд на инфлација и цените на увезените производи изразени во турска лира, објавува агенцијата Мина.

Генерално, централната банка проценува дека финансиските услови во Турција се уште се тесни, а домашната побарувачка се движи во согласност со трендот на опаѓање на инфлацијата, која, според очекувањата, треба да се одржи во преостанатиот дел од годината.

Целта е домашната потрошувачка да остане на контролирано ниво, турската лира стабилна, а инфлациските очекувања под контрола.

Карахан изјави дека централната банка во иднина решително ќе ги користи сите расположиви инструменти на монетарната политика за да обезбеди стабилност на цените.

Минатиот месец, централната банка ја намали референтната каматна стапка од 46 проценти на 43 проценти.

Годишната стапка на инфлација во Турција, според најновите резултати, во јули изнесуваше 33,5 проценти, додека месечната стапка малку се зголеми поради сезонски фактори.