Турската централна банка подготвена за ново намалување на каматните стапки

Турската централна банка се подготвува да ја намали својата основна каматна стапка трет пат по ред, користејќи го моментумот по подобрите од очекуваните податоци за инфлацијата во февруари.

Одборот за монетарна политика, предводен од гувернерот Фатих Карахан, се очекува да ја намали каматната стапка од 45 отсто на 42,5 отсто во четврток, според просечната прогноза во истражувањето на Блумберг.

Ова ќе биде продолжение на две последователни намалувања од 250 базични поени од претходните состаноци, со стратегија за одлучување од состанок до состанок.

Годишната инфлација во Турција падна деветти последователен месец и во февруари изнесуваше 39,1 отсто, што е намалување од 42,1 отсто во јануари, објави Турскиот статистички институт. Овој резултат беше под пазарните очекувања од 39,9 проценти, а исто така е најниско ниво од јуни 2023 година.

Исто така, ова е првпат во последните 20 месеци инфлацијата да падне под 40 проценти. Пониската инфлација во февруари главно е резултат на послабиот раст на цените на облеката и здравствените услуги. Падот на инфлацијата е позитивен знак за Турција, која се бори со драматично зголемување на цените и слаба лира.

Соочена со зголемената инфлација, Централната банка на Турција ги намалува каматните стапки, потег поддржан од претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Овој пристап беше сосема различен од стратегиите на повеќето други големи централни банки, кои одлучија да ги зголемат каматните стапки во борбата против високата инфлација.

Меѓутоа, турската централна банка подоцна ја напушти оваа политика кога лирата нагло поевтини и инфлацијата ескалира.