Твитер повторно дели откази

77

Компанијата „Твитер“отпушти десетици работници во осмиот круг отпуштања откако Илон Маск ја купи социјалната мрежа во октомври, пренесува СееБиз.

Кратењата ги погодуваат инженерските тимови, вклучително и оние кои ја одржуваат технологијата за рекламирање, главната апликација на Твитер и техничката инфраструктура, објави порталот, цитирајќи извори запознаени со ова прашање.

„Твитер“ сè уште не одговорил на барањето на Ројтерс да ја коментира оваа информација.

Компанијата отпушти околу 3.700 работници на почетокот на ноември како дел од мерките на Маск за намалување на трошоците. Тој ја купи компанијата за 44 милијарди долари.

Целта на новата рунда отпуштања е да се ублажи падот на приходите откако Маск ја презеде компанијата. Бројот на вработени на „Твитер“ од октомври е намален за околу 70 отсто, а сега ги има околу 2.000.

Маск во ноември изјави дека социјалната мрежа забележува „голем пад на приходите“ бидејќи огласувачите се повлекуваат поради сомневањата за квалитетот на уредувањето на содржината на социјалната мрежа.