Тврдат дека повеќе не им треба руски гас: Германија изгради нов терминал за течен гас за рекордно време

96

Германија повеќе не зависи од увоз на енергија од Русија – потврди германскиот министер за финансии и шеф на германските либерали, Кристијан Линднер.

Тој за Би-Би-Си изјави дека „неговата земја целосно ја диверзифицирала својата енергетска инфраструктура од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари минатата година“.

– Да, секако Германија сè уште зависи од увозот на енергија, но денес не од увозот од Русија, туку од глобалниот пазар – рече Линднер, посочувајќи дека нашле нови извори за снабдување со енергија.

На Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Линднер укажа на брзината со која е изграден нов терминал за течен природен гас во Германија за рекордни осум месеци.

Како што вели, планирани се дополнителни инвестиции во инфраструктурата.

– Ова е само еден пример за огромна промена во германската политика. Сфативме дека мораме да ја зајакнеме нашата конкурентност по ерата на канцеларката Меркел. Таа ера беше фокусирана на силните страни на минатото, а сега ги развиваме силните страни на иднината – понатаму забележува германскиот министер за финансии, додавајќи дека останува оптимист поради податоците што сугерираат дека инфлацијата во Германија го достигна својот врв минатата година.