Twitter се брани од преземањето на Маск со „отровна пилула“

109

Управниот одбор на „Twitter“ во петокот ја усвои стратегијата на т.н „отровна пилула“ која предвидува издавање акции по пониска цена за постоечките акционери во случај милијардерот Илон Маск да купи повеќе од 15 отсто од акциите на компанијата.

Целта на таквиот механизам е преземањето на компанијата да биде непрофитабилно за потенцијалниот купувач, а новите акции издадени од Twitter би можеле да ги купат сите акционери, освен Маск, по намалена цена.

Според планот, кој ќе биде во сила 364 дена, механизмот би се активирал доколку сегашниот удел на Маск од 9 отсто во компанијата се зголеми на повеќе од 15 отсто.

Милијардерот Илон Маск, сопственик на американскиот производител на електрични автомобили Tesla, понуди 41 милијарда долари за Twitter во четвртокот, неколку дена откако одби место во одборот на директори на социјалната мрежа.

Маск е подготвен да плати 54,20 долари по акција на Twitter, според регулаторниот поднесок објавен во четвртокот, 38 отсто повеќе од нејзината цена во моментот на затворањето на берзата на 1 април, последниот трговски ден пред објавата дека шефот на Tesla поседува девет проценти.

Маск се залага за слобода на говорот и често го критикуваше Twitter и неговата политика за отстранување на содржината означена како дезинформација.