Уапсен директорот на белградскиот аеродром

14

VELIMIR RADOSAVLJEVIC

Директорот на белградскиот аеродром Никола Тесла, Велимир Радосављевиќ е уапсен денес поради сомнение дека ја злоупотребил положбата и го оштетил претпријатието за околу 1,8 милиони евра со заклучување на штетен договор со авиокомпанијата Wizz air, јавува Танјуг.

Директорот на аеродромот се сомничи дека во својство на одговорно лице, при самостојно водење на преговорите со претставници на Wizz air, на 29 јануари 2010 година заклучил Меморандум за разбирање со оваа компанија, на која и одобрил користење на аеродромски услуги под цената, вклучувајќи и попуст од 20% на патничката такса, иако такви поволности не и биле одобрени на ниту една компанија. Поволни услови за користење на аеродромски услуги се воведени како можност дури на 30 декември 2013 година, со заклучокот на Владата и Насоките за развој на воздухопловниот пазар преку стимулација во плаќање на аеродромски надоместоци во Србија. Од Министерството за внатрешни работи соопштуваат дека Wizz air овие поволности ги користела од 12 јуни 2010 година на основа на претходно составениот Меморандум и на тој начин, Радосављевиќ и овозможил на компанијата стекнување на имотна корист во износ од 1.794.901 евра, за колку што е оштетен Аеродром Никола Тесла.

Одделот за сузбивање на стопански криминал во Белградската полиција, по налог на Високото јавно обвинителство во Белград одреди задржување до 48 часа за Радосављевиќ.