Убавините на Македонија претставени на чешкиот фестивал Околу светот

68

ljubotensrtВо програмата на чешкиот фестивал Околу светот се најдоа и планините во Македонија и нивните убавини.

Делови од Македонија преку јужниот дел на Балканот до Исланд ќе бидат претставени за време на двата фестивалски денови на 23 и 24 март во две киносали во Прага.

Околу светот е фестивал каде се среќаваат чешките авантуристи и љубители на патувања, кои низ коментирани видео проекции и фотографии претставуваат разни теми од светот. Репортажата која е снимена на еднонеделен излет во македонските планини е насловена како Зимска Македонија, јавува дописник од МИА.

“Во Македонија има прекрасни планини и ние како главна цел го избравме излезот и сртот на вториот и третиот највисок врв во поранешна Југославија – Голем Кораб и Титов Врв, објаснува Јан Пала, љубител на ски-алпинизам и планинарење.

Меѓу другите во репортажата се претставени и убавините на Пелистер, највисокиот врв на планината Баба.

Професионалниот геолог и музичар Јероним Лешнер, на еден чуден бизарен хумор го претставува своето патување на велосипед од Грција преку Бугарија, Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија до Косово.

“Јужниот Балкан е регион со воодушевувачки природни декори и целосно непознати природни богатства, луда музика, дива историја и возбудлива сегашност, која се рефлектира во извонредни, а понекогаш и доста сурови приказни на локалните жители. За време на неколку дена може да се почувствуваат планините со дрвени воденици на потоците кои одземаат здив. Можете да ги доживеете и ‘рѓосаните железнички пруги и честите шумски пожари, наоѓалишта  на рубини, огромни бетонски споменици, кои се комбинираат со античките ископувања”, се вели во описот на туристички доживувања на Лешнер.

Фестивалот Околу светот, кој се одржува два пати во годината, освен во Прага се организира и во Брно и Острава.