Убер отпушта 10 проценти од своите вработени

Американската компанија „Убер“ денес објави дека ќе отпушти 10 проценти од своите вработени, односно ќе елиминира околу 3.300 работни места, како дел од реорганизацијата чии цели се намалување на трошоците, обединување на тимовите и намалување на бројот на менаџерски нивоа.

Извршниот директор на „Убер“, Дара Косровшахи, изјави дека компанијата станала премногу комплексна, што го забавило донесувањето одлуки, пренесува „Ројтерс“.

Компанијата речиси ќе ги преполови малите тимови во кои менаџерот има само еден или двајца директни подредени, додека бројот на вработени кои се седум нивоа оддалечени од извршниот директор во организациската структура ќе се намали за 20 проценти.