Uber плаќа казна од над милион долари поради дискриминација

15

Uber ќе мора да плати казна од 1,1 милион долари на жена со оштетен вид, бидејќи возачите на оваа услуга за споделување превоз 14 пати одбиле да ја возат.

Вака одлучил судот, оценувајќи дека станува збор за дискриминација. Судот не го уважил ставот на Uber дека не е одговорен за однесувањето на возачите, со оглед на нивниот статус.

Инаку, станува збор за Лиси Ирвинг, која е од Сан Франциско и со себе води куче за лица со оштетен вид. Пред три години ја тужела компанијата, тврдејќи дека возачите ја малтретирале и не сакале да ја возат бидејќи има куче. Истакнала дека поради тоа останала надвор до доцна во ноќтa и доцнела на работа. Навела дека поради тоа се соочила со можност да добие отказ.

Според Ирвинг, возачите двапати вербално ја малтретирале, а дискриминацијата од возачите продолжила и откако се пожалила во Uber.

Нејзиниот адвокат рекол дека револуцијата што Uber ја направи во такси превозот би требало уште повеќе да го олесни движењето на луѓето, но резултатите на терен не се такви.

Фото: Pixabay