Uber се здружи со Nasa за да направи летечко такси

16

uber

Фото: Pexels

Американската компанија за превоз на патници Uber, направи чекор напред во својот план да направи летечко такси возило, потпишувајќи договор со Nasa за развој на софтвер за управување со возилата, пишува The Guardian.

Продукт менаџерот на Uber, Џеф Холден официјално го објави потпишувањето на договорот за новата услуга на Web Summit самитот во Лисабон. Тој најави дека тестирањето на летовите на UberAir  летечкото такси ќе биде во Лос Анџелес во 2020 година. Летечкото такси ќе може да прими четири патници, а нивната максимална брзина ќе изнесува 322 километри на час.

Од компанијата велат дека стандардното патување со автомобил коешто трае 80 минути во време на сообраќаен метеж, со ова возило може да биде скратено на само четири минути.

Целта на Uber е нивната такси услуга да биде оперативна до Олимписките игри во Лос Анџелес што ќе се одржат 2028 година.

“За да го направиме ова безбедно и ефикасно потребна е промена на технологијата за управување во воздушниот простор. Со комбинирање на експертизата од Uber во софтверот и искуството на Nasa во вселената може да направиме клучен чекор напред“, вели Холден.

Во производството на дронови на Uber ќе бидат вклучени пет партнерски компании коишто работат на нови типови летала со можност за вертикално полетување и слетување.