Најголемата швајцарска банка, UBS, е во напредна фаза на преговори за купување на целиот или дел од нејзиниот проблематичен ривал Credit Suisse. Сепак, за финализирање на преговорите, UBS бара гаранции од швајцарската влада.
Акциите на швајцарската банка Credit Suisse драстично паднаа во последните денови, откако таа објави дека открила „материјални слабости“ во своите финансиски извештаи.
Итна помош од 54 милијарди долари на Швајцарската национална банка не го реши проблемот. Регулаторите се обидуваат да го олеснат договорот пред повторното отворање на пазарите во понеделник.
Постои загриженост дека акциите на Credit Suisse би можеле да продолжат да паѓаат, откако паднаа за 24 отсто во средата. Ова предизвика општа распродажба на европските пазари и страв од поширока финансиска криза.
Швајцарската влада одржа итен состанок во саботата вечерта, но засега нема официјални информации за напредокот на преговорите.
Се вели дека UBS побарала од швајцарската влада да покрие околу 6 милијарди долари трошоци доколку сака да го купи Credit Suisse, според извори на кои се повикува Ројтерс.
Секој договор може да резултира и со значителни загуби на работни места. Проблемите се совпаднаа со неуспехот на двајца американски заемодавачи, Silicon Valley Bank и Signature Bank, што ги зголеми стравувањата за стабилноста на банкарскиот систем.
Credit Suisse, основана во 1856 година, се соочи со низа скандали во последниве години, вклучувајќи и обвинувања за перење пари.
Таа објави загуба од 7,3 милијарди швајцарски франци (7,9 милијарди долари) во 2022 година, што е најлошата година од финансиската криза во 2008 година, и предупреди дека не очекува да биде профитабилна до 2024 година.
UBS, сепак, објави профит од 7,6 милијарди долари во 2022 година.
Покрај тоа што е домашна банка со 95 филијали, Credit Suisse има глобално инвестициско банкарство и управува со средствата на богатите клиенти. Таа е една од триесетте банки во светот кои се сметаат за премногу големи за да пропаднат затоа што се толку важни за меѓународниот банкарски систем.
Фото: Facebook