UBS го продава седиштето во Лондон за 1,7 милијарди долари

118

Седиштето на UBS Group во Лондон ќе го купи јужнокорејската национална пензиска служба и LaSalle Investment Management за околу 1,25 милијарди фунти (1,7 милијарди долари), пишува Bloomberg.

Сегашниот сопственик на сребрената зграда, CK Asset Holdings со седиште во Хонг Конг, започна првични разговори со голем број потенцијални купувачи претходно во оваа година. Победник на наддавањето за локацијата на улицата Бродгејт е јужнокорејската национална пензиска служба, која соработува со LaSalle, рекоа информирани извори, кои сакаат да останат анонимни бидејќи договорот е приватен.

Компанијата со седиште во Хонг Конг управувана од Виктор Ли, кој го наследи неговиот татко милијардерот Ли Ка-Шин во 2018-та година, го купи имотот истата година за 1 милијарда фунти и прифати само понуди за повеќе од таа сума, рекоа луѓе запознаени со првичните разговори во јуни.

UBS се всели во зградата по нејзиното завршување во 2015-та година, откако претходно имаше под наем неколку помали канцеларии во комплексот на улицата „Бродгејт“.

Швајцарската банка е посветена на локацијата, која има површина од над 65.000 квадратни метри, барем до 2035-та година.

Побарувачката за трофејни деловни згради во Лондон со долги закупи се зголеми за време на пандемијата, иако компаниите сè уште не одлучиле дефинитивно како да управуваат со враќањето на канцеларискиот живот.

British Land, која го изгради имотот, минатиот месец соопшти дека бележи бум во активностите оваа година за нов деловен простор.