Учтивост

146

sonce

Фото: Pixabay

Не знам дали е егото, политичката криза, лошиот воздух или, пак, променливото време, но луѓето кај нас едноставно, не се учтиви. Многу малку се слуша добар ден, многу малку луѓе се отпоздравуваат на улица, многу малку луѓе кажуваат благодарам, повелете… Луѓето не ги користат сите тие зборови кои можеби ќе им помогнат да добијат некоја услуга или производ на подобар начин, да затворат некоја продажба или, пак, да развеселат или да насмеат некој.

Еве ќе ви раскажам преку еден пример. Во 8 часот наутро, во една локална бурекџилница, влегува едно момче, и без да каже добро утро, со потсмев и понижувачки тон, ја праша продавачката што ќе му даде да јаде. Откако избра што ќе јаде, ги извади парите и ги „тресна на касата на продавачката. Се сврте и без да каже збор си замина. Тоа што остана беше горчината која се гледаше на лицето на продавачката која професионално си ја вршеше работата. И како сега да кажеме дека купувачот е секогаш во право (мото зад кое често се криеме)?

Дали некогаш сте размислувале дека со своето однесување, можете да повредите и навредите некој? А, пак, дали досега сте размислувале дека со ширење на таа негативна енергија влијаете не само на личноста со којашто комуницирате, туку со многу други личности кои индиректно се поврзани за таа ваша акција или неакција?

Секогаш бидете учтиви кон луѓето. Не ги газете за да стигнете таму каде што сакате. –                                Рејчел Зои, моден стилист и дизајнер

Време е од темната, да поминеме на светлата страна:

  1. Поздравувајте ги луѓето. Со кратко „здраво”, „добар ден”, „како сте” навистина можеме да направиме промена кај луѓето кои секојдневно ги сретнуваме. Со поздравување ќе покажеме дека сме искрени, учтиви, и со тоа ќе добиеме поголема почит од тие луѓе, па дури и ќе добиеме помош од нив кога најмалку очекуваме. Поздравувањето на луѓето ја гради нашата самодоверба и нè прави поотворени кон нив. Поздравувањето на луѓето можеби нема да ги реши нашите и нивните проблеми, но сигурно ќе не разведри и позитивно ќе влијае на денот што следи пред нас.
  2. Кажувајте благодарам. Зборот благодарам отвора многу моќни врати и измамува насмевки. Еве, на пример, зборот благодарам и учтивоста ќе ја спречат нервозата на следниот возач и ќе спречат сообраќајна незгода. Замислете, ќе спасиме живот само ако кажеме благодарам. Едноставен домино ефект. Можеби звучи смешно, но јас сметам дека е вистинито поради тоа што човекот се води според емоција, импулсивно. За моќта на зборот „благодарам” можете да прочитате повеќе во TOW#146.
  3. Учтиво замолете ги луѓето да ви помогнат. Луѓето сакаат, кога е потребно да помогнат, и затоа доколку убаво ги замолиме, со сигурност работата ќе ни се олесни, и на нам, како и на нашиот соговорник. Со едно „ве молам кон госпоѓата зад шалтерот, ќе пренесеме позитивна енергија на следниот клиент, граѓанин, човек.
  4. Учтивоста значи и да ги слушате луѓето што зборуваат и да бидете разбирливи со нив. Ако им покажеме дека ги слушаме и дека ги разбираме, нашите соговорници ќе бидат поотворени да нè ислушаат и да го прифатат нашето мислење. Повторно, Ние ќе добиеме.
  5. И најважно од сè, користете го магичниот збор „извини, извинете. Збор што може да се користи во секоја ситуација, и збор што нè ослободува од тензија и ни дозволува да започнеме полесно со реченицата. Нормално, другата страна широкоградо ќе го дочека тој збор и ќе се обиде да ни помогне или барем да нè ислуша.

Во ова (не)време, можеби учтивоста е една од работите што сè уште нè прави луѓе и нè издвојува од останатиот животниски свет. Да ја практикуваме колку што е можно повеќе.

Со успех во промените.