Угледни архитекти со поддршка за проектот Гранд Скопје

44

По вчерашната јавна презентација на проектот Гранд Скопје предвиден на парцелата 1.1 спроти хотелот Холидеј Ин, со свои реакции до медиумите и поддршка на проектот се јавија архитектите Драгољуб Доновски и  Веселинка Герасимова-Петровска и шумарскиот инженер Ѓорѓи Самарџиев.

Архитект Драгољуб Доновски, кој има голема референтна листа на проектирани и изведени објекти од станбената и деловно-комерцијалната архитектура, вели дека конечно на повидок е еден нов лик на централниот градски простор во Скопје.

“Нова престижна модерна архитектура од форматот на Заха Хадид (Радиус). Браво. Доста беше. 60 години го гледаме просторот со времен паркинг простор. Никој ништо не презема да се оплемени. И конечно се појавија инвеститори. Кои и да се. Браво за нив и среќа за сите нас (мислам на нас, оние нечипирани и непартиски војничиња). Иако предметната локација нудела многу повеќе м2 за градба, “сенсот“ на Инвеститорот да направи нешто убаво, а не некаков “Дебар Маалски“ злочин, е за поздравување. Избалансирани површини за градба, зеленило, подземни паркирања во изобилие и што сè не. Вклопени идеално во блиската околина (Македонска Радио Телевизија е 22 ката + антени). Браво за решителноста на Инвеститорот за ваквиот чекор. Конечно нов акцент во просторот. Ако Воинот на коњ беше комплетно промашување, еве го правиот нов препознатлив акцент на идно Скопје, нов имиџ, нов downtown. Поздрави и многу успех во реализацијата на проектот. Сè тече, сè се менува, само некои сакаат Скопје да чмае. Доста е!“, вели Доновски.

Во врска со предвиденото хортикултурно уредување, кое инвеститорот најави дека ќе опфаќа партерно зеленило, високо зеленило – дрвореди, зелени кровни градини, но и за прв пат вистински зелени вертикални градини, и тоа на вкупна површина од 6.520 м2 во која не се вкалкулирани вертикалните градини, се јави и шумарскиот инженер и пејсажен дизајнер Ѓорѓи Самарџиев.

“Доколку идниот урбан проект “Гранд“ биде изграден согласно презентираните визуелизации, од аспект на хортикултурата ќе претставува своевиден урбан бренд, современо моќно здание со интегрирано зеленило. Драгоцено парче во зелениот мозаик на градот“, вели тој.

И архитект Веселинка Герасимова-Петровска го изрази својот став во врска со јавниот повик “Осмислен простор наместо висококатници кај Холидеј Ин“. Таа вели дека концептот е токму тоа, односно “осмислен“.

“Во врска со најновите случувања и јавниот повик “Осмислен простор наместо висококатници кај Холидеј Ин“, би сакала да го изнесам  мојот став во контекст на идеен проект и визуелизацијата презентирана од страна на Инвеститорот на предметната локација. Имено, како архитект со 26-годишно искуство, учесник во изработка на проектна документација во тим и самостојно, мислам дека понуденото решение од страна на проектантот е токму “Осмислување на просторот кај Холидеј Ин“, и истиот како концепт апсолутно е соодветен за локацијата во строгиот центар на градот. Доблеста на проектантот да создаде простор за препознавање, притоа водејќи сметка да не се искористат максималните параметри од донесениот ДУП за градската четврт Ц08 Ново Маало, и притоа да создаде еколошки центар во строгиот центар на градот, е за поздравување и истиот го поддржувам“, вели Веселинка Герасимова-Петровска.

Инаку вчера, на онлајн прес-конференција, инвеститорот МГ ФЕШН го презентираше проектот Гранд Скопје, комплексот предвиден да се гради на парцелата 1.1 спроти хотелот Холидеј Ин. Како што истакнаа од МГ ФЕШН, целта на прес-конференцијата беше точно, вистинито и транспарентно да се информира јавноста за отпочнувањето на градба на комплексот, како одговор на големиот број оспорувања во јавноста, но и визуелните прикази кои циркулираа, а воопшто не кореспондираа со неговата вистинска слика и вредност.