УЈП: Денес е последниот ден за поднесување на ДДВ – 04 пријавите

68

Управата за јавни приходи (УЈП) известува дека денес е последниот ден за поднесување на ДДВ – 04 мсечни и тримесечни пријави. Следејќи го процесот на поднесување, утврдена е забавена динамика во поднесувањето на месечните и тримесечните ДДВ пријави на квартално ниво.

Според податоците до 15.07.2024 година, поднесени биле 13% од очекуваните ДДВ 04 пријави, додека до 15.10.2024 година, овој процент опаднал на помалку од 9%.

Анализите покажуваат дека од 16 до 24 јули годинава, поднесени биле 72% од очекуваните пријави, а во периодот од 16 до 24 октомври, поднесувањето изнесува 67% од очекуваните ДДВ – 04 пријави, што укажува на забавено темпо во поднесувањето на пријавите во текот на месец октомври во однос на јули.

Управата за јавни приходи потсетува на важноста на навременото исполнување на даночните обврски и ја разбира загриженоста на сметководителите од една страна, а ја охрабрува бизнис заедницата да ги поднесе своите документи до сметководителите без одлагање и со цел навремено поднесување на ДДВ – 04 пријавите. Потсетуваме дека законските рокови течат, а системите на УЈП работат 24/7, дури и за време на празниците ги поддржуваат даночните обврзници во овој процес.

Вчера беа поднесени пријави од вкупно 6,873 даночни обврзници, а денес до пладне, поднесени се ДДВ – 04 пријави од 3,234 даночни обврзници, што укажува на вообичаена дневна динамика на поднесување.

Управата за јавни приходи континуирано потсетува на важноста на почитувањето на роковите и обврската на даночните обврзници да бидат одговорни во исполнувањето на своите даночни обврски. Преку персонализирани пораки и информации во јавноста, УЈП ќе продолжи да ги поддржува даночните обврзници во овој процес и да влијае даночните обврзници да бидат даночно усогласени.