
Управата за јавни приходи (УЈП) упати јавен повик до угостителите и трговците на мало, по спроведени над 3.700 теренски контроли во периодот од јануари до август годинава. Според информациите на УЈП, кај околу една третина од контролирани субјекти биле утврдени неправилности, главно во форма на неиздавање фискални сметки и непријавен готовински промет.
Во рамки на овој процес, над 1.000 даночни обврзници кои веќе биле санкционирани добиле ново известување со конкретен повик – да ги коригираат своите даночни пријави, да го пријават скриениот промет и да го платат данокот што го должат.
„Овој повик е сериозен! Секој треба да си ја прифати својата обврска и одговорност“, велат од УЈП, потенцирајќи дека ако обврзниците не постапат по известувањето, институцијата ќе ги примени сите расположливи механизми за проценка на скриениот промет, наплата на долгот и изрекување санкции.
Од УЈП порачуваат дека целта не е „лов на грешки“, туку воспоставување ред и намалување на сивата економија, што е од заеднички интерес за целото општество.