УЈП ги ослободува компаниите од данок на личен доход и данок на добивка за март, април и мај

48

Државата ги ослободува компаниите од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход, како и аконтациите на данокот на добивка за март, април и мај оваа година, информираше директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на денешната прес-конференција.

Двете ослободувања како мерки се донесени со владина уредба со законска сила во време на вонредна состојба поради корона-кризата.

Ослободувањето се однесува на правните лица кои вршат угостителска дејност, туризам или транспорт, како и други обврзници кои имаат претрпено штети поради спроведувањето на мерките за заштита од коронавирусот.

“Изминатиов период сите заедно живееме тешко време, соочени со последиците предизвикани од глобалната пандемија од коронавирусот. Во овој момент најважна е помошта од државата со којашто ќе им се помогне на сите кои се директно погодени од оваа криза. На секоја компанија, на секој работник, на секој човек. “, рече Лукаревска.

За да го користат ова право обврзниците треба да ги исполнуваат следните услови:

Да не исплатуваат дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на даночниот обврзник, од денот на влегувањето во сила на уредбата со законска сила, до денот на траењето на ослободувањето (15 јуни 2020 година) и
Да не го намалат бројот на вработени, сметано од 26.03.2020 година до три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.

Обврзниците од останатите дејности правото од ослободување од плаќање на аконтациите на данокот на добивка може да го остварат доколку исполнуваат и еден од следните услови:

Вкупните приходи на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 40% во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40% во однос на истиот период претходната година, или
Бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник-работодавач, заради спроведување на мерките, да изнесува најмалку 25% во однос на вкупниот број на вработени во месец февруари 2020 година, или
Даночниот обврзник да затворил најмалку 50% од продажните места преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

Даночните обврзници, го остваруваат ова право со електронско поднесување на образец Барање за ослободување од плаќање на износот на аконтации на данок на добивка (образец ДД-ОМА) преку системот e-Даноци на УЈП. Досега во УЈП се поднесени и прифатени вкупно 370 барања.

Ослободувањето од плаќање на данокот на личен доход се однесува на обврзниците кои остваруваат доход од вршење на угостителска дејност, туризам и транспорт, но и други даночни обврзници кои остваруваат доход од самостојна дејност, а имаат претрпено штети во своето работење заради спроведување на мерките за справување со КОВИД-19.

Обврзниците кои остваруваат доход од вршење на угостителска дејност, туризам и транспорт не треба го намалат бројот на вработени, сметано од 26.03.2020 година до три месеци по престанувањето на важноста на уредбата, освен во случај на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработен.

Обврзниците од останатите дејности кои имаат претрпено штети во своето работење, треба да исполнат еден од следните услови:

– вкупните приходи на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 40% во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40% во однос на истиот период претходната година, или

– бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник-работодавач, заради спроведување на мерките за КОВИД-19 да изнесува најмалку 25% во однос на вкупниот број на вработени во месец февруари 2020 година, или

– даночниот обврзник да затворил најмалку 50% од продажните места преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

За користење на ослободувањето самовработените лица поднесуваат Барање за ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на доход од вршење на самостојна дејност (образец ДЛД-ОМА) преку системот е-персонален данок на Управата за јавни приходи.

Управата за јавни приходи овозможи автоматска обработка на поднесените Барања при што обврзникот добива повратна порака за статусот на Барањето.

Барањето се однесува за трите месечни аконтации кумулативно (март, април и мај 2020) така што обврзниците не треба да поднесуваат барање за секоја аконтација посебно. Доколку обврзникот добие порака дека Барањето е комплетно и е прифатено, автоматски се применува ослободување од плаќање на аконтациите на данок за месеците март, април и мај 2020 година.

Доколку обврзникот има поднесено комплетно и прифатено барање сите наредно поднесени барања ќе добијат статус на отфрлени.

Доколку обврзникот направил грешка при пополнување, поради што барањето е отфрлено, истиот треба да поднесе ново барање, стои во соопштението.