
Вработените во УЈП го одложија генералниот штрајк закажан за денеска. Причина за одлуката, како што изјавија од синдикатот на УЈП, е одложувањето на процесот на помирување откако назначениот медијатор Лазар Јовевски побара да се изземе, бидејќи е во странство и не може да ги испочитува законските рокови.
Синдикатот на УЈП најави дека денеска ќе предложат нов медијатор со што течат новите рокови од три дена за свикување на првиот состанок со медијаторот.
„Помирувачот се иззема. Бил во странство, а рокот за да постапи му е три дена. Во тој период не можел да се врати. Утре ние треба да предложиме некого, да пуштиме писмо до Министерството за труд и социјална политика“, изјави вчера претседателот на синдикатот на УЈП Васе Недановски за МИА.











