
Управата за јавни приходи заклучно со вчера исплати 552 милиони денари на граѓаните по основ на Мој ДДВ, а налози за дополнителни 370 милиони денари се веќе подготвени.
Директорката на УЈП, Елена Петрова, посочи дека кај некои граѓани може да има застои поради технички причини, како невалидна трансакциска сметка.
Според неа, повратот на ДДВ за компаниите е континуиран процес. Заклучно со вчера, речиси 500 милиони евра се исплатени на фирмите кои не се идентификувани како ризични, додека кај други компании се вршат дополнителни надворешни контроли, што го продолжува процесот. „Околу половина од дополнително утврдените даноци што не биле правилно пријавени се однесуваат на ДДВ, што значи дека секоја контрола е важна за заштита на буџетот“, додаде Петрова.
Реализацијата на даночниот план е висока – 99% кај ДДВ и 95% кај данокот на добивка, додека кај личниот доход се преземаат активности за подобрување на наплатата.











