УЈП предупредува, рокот истекува: Само 27% од обврзниците поднеле ДДВ-04 пријави

Управата за јавни приходи (УЈП) ги повикува сите даночни обврзници да ги достават потребните документи до своите сметководители со цел навремено поднесување и плаќање на обврските по основ на данокот на додадена вредност (ДДВ) за даночниот период од 1 до 31 август 2025 година.

Крајниот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавата е четврток, 25 септември 2025 година, потсетуваат од УЈП. Од вкупно 7.748 очекувани пријави, досега се поднесени само 2.057, што претставува околу 27% од вкупниот број на даночни обврзници кои се обврзани да достават пријава.

„Бидете одговорни даночни обврзници. Исполнете ги обврските навреме и одржувајте солидна даночна историја“, апелираат од УЈП, нагласувајќи дека навременото поднесување е клучно за избегнување на дополнителни трошоци, казни и камати.

Од Управата истакнуваат дека редовното и точно поднесување на пријавите е од суштинско значење за финансиската стабилност на компаниите, усогласеноста со даночните прописи, како и за поширокиот економски развој.

УЈП ги повикува сите правни субјекти и индивидуални даночни обврзници да ги исполнат законските обврски без доцнење и да станат дел од категоријата на ажурни и одговорни даночни обврзници, кои со своето постапување придонесуваат за посилна економија и стабилен даночен систем.