Советот за безбедност на Обединетите нации ја укина забраната на Брегот на слоновата коска за извоз на дијаманти, пренесува Reuters.
Оваа забрана беше воведена пред десетина години поради нелегална трговија со таканаречените “крвави дијаманти“, со чија продажба потоа се финансираше граѓанската војна.
Оваа одлука следи по ставот на експертите дека тој потег не успеал да ја спречи нелегалната трговија со необработени дијаманти.
Експертите на ОН сметаат дека годишната нелегална трговија со дијаманти на оваа западноафриканска земја се движи меѓу 12 и 23 милиони долари. Пред ембаргото, Брегот на слоновата коска, земја која е светски производител на какао, инкасираше околу 25 милиони долари од трговијата со дијаманти.
Ембаргото беше воведено во време на граѓанската војна, кога “крвавите дијаманти“, односно нивната нелегална продажба на меѓународниот пазар, се користеа за финансирање на оружени групи и набавка на оружје.
Властите на Брегот на слоновата коска сега регистрираа 3.000 рудари и голем број компании кои се занимаваат со ископување и трговија на дијаманти, со цел законски да се регулира таа дејност.