Украина ја девалвира гривната за 25 отсто

100

Украинската централна банка, повикувајќи се на длабоките економски последици од војната со Русија, ја девалвираше гривната за 25 отсто.

Во соопштението од 21 јули, банката наведува дека новиот официјален курс е 36,5686 за американски долар.

Овој потег беше одлучен „со оглед на промената на основните карактеристики на украинската економија за време на војната и зајакнувањето на американскиот долар во однос на другите валути“, соопшти банката.

„Војната трае речиси пет месеци, во текот на кои имаше значителни промени, а во такви услови официјалниот курс на гривната на ниво од 24 февруари повеќе не одговара на реалноста и постепено ја губи улогата на сидро за очекувањата“, се наведува во соопштението.

„Имајќи го предвид ова, Народната банка изврши еднократна корекција на официјалниот курс… Новиот курс ќе ја закотви економијата и ќе и даде стабилност во услови на неизвесност“.

Девалвацијата доаѓа еден ден откако Украина побара од своите доверители двегодишно замрзнување на плаќањата на нејзините меѓународни обврзници во обид да ги насочи своите намалени финансиски ресурси за да се одбрани од Русија.