Најголемиот дел на овогодишниот род на пченка во Србија е контаминиран и во себе содржи отровни материи, изјави генералниот директор на компанијата за контрола, верификација, испитување и сертификација, СГС Србија, Маринко Укропина, пренесуваат српските медиуми.
Укропина за Magyar Szo изјавил дека во лабораториите на СГС Србија е утврдено присуство на афлатоксини во пченката, најканцерогеното познато соединение кое може да се најде во храната за луѓе и животни.
Според неговите зборови, контаминација на пченката е предизвикана од сушата и дека на основа на испитаните примероци може да се заклучи дека само 32% од овогодишниот род е безбеден за употреба. Укропина вели дека дел од контаминираната пченка која ги исполнува условите за квалитет на сточна храна може да се употреби во смеси за сточна храна, а преостанатиот дел може да се пренасочи на производство на биоетанол или скроб.
“Сите показатели укажуваат дека до развој на габичките дошло на полињата и дека не е веднаш реагирано, со што до некаде би се ублажил проблемот. Иако проблемот е идентификуван во периодот после жетва, не е доцна преку сериозен акционен план да се заштити здравјето на сите конзументи на пченка и производи од пченка”, вели Укропина.
Директорот на СГС Србија додава дека оваа година проблемот со ахлатоксините попримил пандемски размери и дека во помала или поголема мера е присутен во сите земји кои се занимаваат со одгледување на пченка, како Унгарија, Романија и Бугарија.