Умор

21

umoren

Фото: Pexels

Со почетокот на пролетта, покрај сите промени што се случуваат, се случува и будење на телото, еве да не кажам адаптирање на телото на новите временски услови. Најчесто, поради пребрзите временски промени што се случуваат, телото не е подготвено да се адаптира, па се појавуваат голем број знаци коишто се манифестираат преку умор, депресија, затвореност, забавеност и слично.

Сето ова и тоа како знае да делува на секојдневните активности, но и на нормално и на правило расудување на работите. Најчеста манифестација, во овој период е уморот, кој на некој начин е константен и колку и да се одморате, сепак чувствувате дека сте заморени и секое утро си го поставувате истото прашање: Како ќе го преживееме овој ден?

Имајќи го сето ова предвид, повеќе од потребно е да се направат некои промени кај нас за да може да му овозможиме на телото да се адаптира и да почне повторно да работи во нормала:

Јадење – начинот на исхрана игра голема улога во манифестирањето на уморот. Па така, фреквенцијата и обемот на консумација на храната, во текот на денот, се доста важни. Значи, избегнувајте тешка и масна храна, јадете повеќе свежа храна и многу овошје и зеленчук. Немојте да консумирате храна во големи количества, туку во мали и во почести интервали. Дополнително на ова, избегнувајте храна со многу јаглехидрати, но тоа не значи тоа дека не треба воопшто да ги консумирате. И секако, избегнувајте консумација на храна во доцните вечерни часови.

Физички вежби – во зависност од вашата физичка подготвеност, овие активности треба да бидат адаптирани. Доколку не сте некоја физички подготвена личност, практикувајте помали вежби што ќе овозможат движење на крвта низ телото и негово будење. Практикувајте ги вежбите во утринските часови, за да може телото да се разбуди. Исто така, практикувајте вежби и во текот на денот, вежби што нема да ви одземат многу време.

Работна позиција и атмосфера – кога сте уморни, седењето и заседнувањето на работа или работа, знае дополнително да влијае и да ви се приспие. Затоа, менување на позиција на работа од седечка во стоечка, многу може да ви помогне да се „расоните” или да го издржите денот. Работа во стоечка позиција, ем што малку ќе ве раздвижи ем ќе ви направи промена на која ќе бидете сигурни дека телото убаво ќе реагира. Дополнително на ова е и атмосферата во која се наоѓате, па затоа честите проветрувања за влез на свеж воздух е повеќе од добредојден. Доколку, пак, е многу топло, пробајте да ја разладите средината во која работите (доколку сте во можност).

Кофеин –  треба да консумирате напитоци што содржат вакви елементи во себе, но бидете внимателни. Нашиот мозок сам си лачи ензими што делуваат на будењето на телото, па овие напитоци се само потребни да го забрзаат тој процес. Од друга страна, консумирањето на големо количество напитоци со кофеин може да предизвика и други здравствени нарушувања, па затоа, бидете внимателни.

Одмор – во овој период е доста потребно убаво да го планирате вашиот ден во кој ќе се најде време или за попладневен одмор или за порано легнување. Важно е да имате време за одмор, затоа што ова ви е повеќе од потребно баш во овој период.

Денот треба да се издржи. Сите работи што ги наведов, а и тие што не се наведени, а ви овозможуваат да го „преживеете” денот, се повеќе од потребни. Јас сум сигурен дека ќе успеете да го пребродите овој период, но и дека ќе го промените моменталниот начин на живот.

Со успех во промените.