УНДП директен партнер во заложбите за поголема социјална инклузија и помош за најранливите категории граѓани

51

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, денеска се сретна со постојаната претставничка на УНДП во земјава, Нарине Сахакјан и нејзините соработници.

На средбата се разговараше за досегашната меѓусебна соработка, помеѓу УНДП и Министерството за труд и социјална политика, проектите кои се во тек и идните планови за соработка на полето кое е во надлежност на министерството.

“Како држава и како Министерство многу ни е значајна поддршката која ни ја дава Агенцијата на ООН , УНДП годините наназад, а особено денес во време на пандемија од  корона вирусот.

Изминатите седум месеци од почетокот на корона вирусот,  како техничка Влада преземавме сет економски мерки со цел спасување на што поголем број  на работни места, поддршка на компаниите погодени од кризата, помош и поддршка на граѓаните со посебен акцент на најранливите категории.

Како одговорна Влада која се грижи за своите граѓани, продолжуваме  со нов пакет економски мерки наменет за ревитализација на економијата и помош и поддршка на оние категории на граѓани на кои помошта им е најпотребна. Тоа се пасивните баратели на работа, пензионерите со ниски пензии до 15.000 денари, самохраните родители и студентите кои беа пропуштени во претходниот пакет мерки, “ истакна Шахпаска.

Во однос на примателите на Гарантирана минимална помош , Министерката посочи дека е олеснет пристапот и условите за влез во системот, со што би се опфатил поголем број на лица на кои помошта им е потребна.

Постојаната претставничка на УНДП во земјава, Нарине Сахакјан, изрази подготвеност за продлабочување на понатамошната соработка и поддршка во сегментите социјална инклузија, обуки и тренинзи за лицата  за полесен пристап на пазарот на трудот, како и соработката со локалните заедници, каде се работи на реализација на проекти за помош и поддршка на старите лица, лицата со попреченост и оние кои им е потребна, преку давање на социјални услуги.

Двете соговорнички се согласија дека одличната соработка ќе продолжи и понатаму преку реализација на проекти кои се од големо значење за  граѓаните со посебен акцент на најранливите категории.