Банкарскиот сектор во Унгарија треба да биде најмалку 50% во национална сопственост, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан во унгарската Стопанска комора и додаде дека странските банки го извлекуваат капиталот од земјата.
“Фактот дека голем дел од банкарската сфера им припаѓа на странски компании укажува на создавање нездрава ситуација”, изјави Орбан и најави дека неговиот кабинет планира да врати 50% од тој сектор во унгарска сопственост, притоа не прецизирајќи на кој начин ќе ја оствари намерата.
Освен тоа, Орбан предложи кредитите што унгарските стопанственици ги подигнале во евра и франци да се претворат во форинти. Според податоците на надзорните органи, обемот на задолженост на малите и средни претпријатија во странска валута изнесува околу 3,3 милијарди евра.
Според предвидувањата на аналитичарите, веројатноста дека Орбан ќе ги исполни заканите е многу голема, а предложените мерки најмногу ќе ги погодат австриските банки.