Унгарија планира четирикратно да го зголеми данокот за краткорочни изнајмувања

29

Унгарија планира речиси четирикратно да го зголеми данокот за краткорочно изнајмување станови во Будимпешта за да се справи со станбената криза во главниот град.

Според предлог-законот, месечната претплата за краткорочно изнајмување на станови ќе изнесува 150.000 форинти или околу 373 евра, што претставува значително зголемување во однос на претходните 38.400 форинти, пренесува Блумберг.

Дополнително, унгарската влада нема да издава нови дозволи за краткорочно изнајмување на станбени недвижности во Будимпешта во 2025 и 2026 година, според нацрт-законот.

Жителите на шестиот градски округ во Будимпешта, една од најпопуларните области за туристите, минатиот месец поддржаа целосна забрана за краткорочно изнајмување почнувајќи од 2026 година, пренесува Танјуг.

Тие со години се жалат на бучава, големо количество ѓубре и зголемени кирии поради растот на туризмот.

Трошоците за домување во Будимпешта се зголемија речиси четири пати во текот на изминатите десет години, делумно поради бумот на платформите за изнајмување како што се Booking или Airbnb.