Унгарија објави дека постигнала договор со Гаспром за одложување на плаќањата за испорака на гас во текот на зимата, потег што може да го намали притисокот врз растечкиот дефицит на тековната сметка на земјата и врз форинтата.
Трговскиот дефицит на Унгарија оваа година порасна под влијание на скокот на цените на енергенсите, зголемувајќи ја нејзината ранливост и слабеењето на форинтата, која вчера допре рекордно ниско ниво во однос на еврото, пренесува Ројтерс.
Државната енергетска групација МВМ се согласи со Гаспром да ги одложи плаќањата за набавка на гас доколку цените надминат одреден праг, дозволувајќи и на унгарската компанија да плаќа за гас во следните три години доколку цените скокнат.
„Се договоривме за одреден праг на цената и дека делот што го надминува тој праг не мора да го плаќаме сега, туку дека оди на одложено плаќање“, изјави за Ројтерс министерот за развој Мартон Наѓ.
Тој изјави дека договорениот ценовен праг е под сегашната пазарна цена, но не прецизираше колку изнесува.
Наѓ додаде дека договорот може да ја ублажи корелацијата помеѓу зголемената цена на гасот и форинтата, која слабее откако цената на синиот енергенс расте.
Наѓ, исто така, рече дека според сегашната пазарна цена, договорот со Гаспром значи до една милијарда евра задоцнети плаќања за Унгарија. Под претпоставка дека цената ќе се искачи на ниво од 300 евра/MWh, одложените плаќања би можеле да изнесуваат од 3,5 до 4,5 милијарди евра.











