Унгарија воведе државно регулирање на основните цени на храната

119

Унгарија ги замрзна цените на шест основни прехранбени производи на нивното ниво од 15 октомври 2021 година. Одлуката денеска ја објави премиерот Виктор Орбан, објави WTN.

„Денеска одлучивме да интервенираме во цените на шест главни прехранбени производи: бел кристален шеќер, пченично брашно, сончогледово масло, свинско, пилешко филе и кравјо млеко со 2,8% маснотии, што значи дека цената на овие шест производи треба да се врати на нивото од 15 октомври минатата година. Од февруари ова треба да се случи во сите продавници“, вели Орбан во видео пораката.

Владата прибегна кон мерката за заштита на интересите на граѓаните од поскапувањето на храната предизвикано од енергетската криза во Европа. Според Орбан, Унгарија веќе го ограничила поскапувањето на бензините и води политика на намалување на сметките за комунални услуги.

Значителниот пораст на цените на гасот во Европа започна во април-мај, кога просечната цена на самото место флуктуираше во опсег од 250-300 долари за 1.000 кубни метри. Во последните денови од летото вредноста на фјучерсите надмина 600 долари, а на почетокот на октомври го премина прагот од 1.000 долари. На 6 октомври цената го достигна највисокиот врв на фјучерс пазарот на сите времиња – над 2.000 долари за илјада кубни метри.