Сапунот од козјо млеко се изработува целосно рачно, со ладен процес, преку кој се овозможува сите лековити и корисни состојки од свежото козјо млеко да останат во сапунот, без додавање ниту капка дестилирана вода. Користејќи ги сапуните Стојневи не користите никаква хемија на вашата кожа, која е најголемиот орган на секое тело. Сапуните неможат да се отворат без да се скине кутијата, со тоа се штитат потрошувачите да не добијат производ кој на некому му паѓал и го вратил во кутија, вели производителот Марјан Стојнев за Бизнис Инфо.
Бизнис Инфо: Сапун од еколошки произведено органско козјо млеко е брендот кој веќе со години го гради семејството Стојневи. Како започна Вашата приказна?
Со производство започнавме во 2013 година, после една моја посета на Словенија.
Таму видов како луѓето своите производи ги продаваат од куќен праг.
Бидејќи ние го имавме начинот на производство, почнавме да го произведуваме за себе и пријателите.
Но, целта ни беше да го направиме производот достапен за сите.
Пред да регистрираме фирма за производство на сапуни, нашиот производ беше однесен на испитување во Институтот за јавно здравје Скопје. Сакавме да го испитаме сапунот, иако е стар традиционален рецепт кој се користел за лична употреба. Да видиме што ќе каже испитувањето на сапунот за нега при употреба како козметички производ. Со испитувањето ни се потврди квалитетот на производот.
Прво што направив, го заштитив брендот со „лого бренд“ во Државен завод за индустриска сопственост, тоа лого и денес се наоѓа како заштитно лого на сапунот.
Се регистриравме на 28. 06. 2017 година и од тогаш приказната за Производство на сапун Стојневи почна да се шири.
Какви состојки користите во производството и како се одвива процесот на креирање на овој производ, користите ли некоја посебна технологија?
Ова е производ кој се изработувал рачно, така и ние сега го изработуваме. Бидејќи треба да биде унифициран изгледот и пакувањето, мораше да се направат калупи и начин на сечење кое ќе даде бесконечен број на производи со иста форма и грамажа.
Ова е производ кој се изработува со ладен процес на изработка на сапун, не е ист процесот како што го работеле нашите баби или мајки од свинска маст кој морал да се вари за да се добие сапун. Тоа е топол процес и со вриењето се завршува и сапунификацијата. Овој сапун од свинска маст го користеле за сè во домот, за перење на сè, бидејќи се перело рачно, го користеле и за миење коса… Од друга страна пак, сапунот од козјо млеко го користеле за лична хигиена.
Производството на сапун од козјо млеко, како што реков, е ладен процес на изработка на сапун. Со овој процес сите корисни работи што ги содржи млекото, остануваат и во сапунот.
Бидејќи производот е целосно рачна изработка, нема машина за негова изработка.
Требаше време за да осмислам калуп во кој ќе се лие сапунот, но тој калуп да може и да е практичен, брзо да се состави и брзо да се расклопи заради понатамошните чекори на сечење на сапунот.
Имам направено платформа со која се подига калупот во кој е излиен сапунoт каде што се сече во две оски, и останува уште едно сечење за да ја добиеме крајната форма. Покрај производител треба да си изумител и дизајнер за да си го олесниш и да го убрзаш производството. Така е кај сите производители кои добро си го познаваат сопственото производство.
Во моите калупи јас лијам 300 сапуни одеднаш. За да се изработи смесата и да се сипе во калупот потребни се 4 часа работа на двајца луѓе. Во калупот останува два дена за да се стврдне. Потоа се сече на споменатите ножеви за сечење, кои не се ножеви туку жици од клавир и од гитара. Кога ќе се исечат сапуните, јас ги редам во кругиви како цилиндри за да можат да останат два месеци да се сапунифицираат. После периодот од два месеци сапунот може да се појави на пазарот како готов производ.
Сапунот се изработува од свежо козјо млеко, без додавање ниту капка дестилирана вода.
Во основниот сапун има додаток на кокосово масло и маслиново масло во мали количини, а во козметичкиот покрај сè што содржи основниот и уште ШЕА путер во мала количина.
Се пакува во кутија која е оригама со втиснат сув жиг од заштитеното бренд лого. Самата кутија е мој дизајн, нема таква никаде. Хартијата е каучук со целулоза. Сапуните неможат да се отворат без да се скине кутијата, со тоа се штитат потрошувачите да не добијат производ кој на некому му паѓал и го вратил во кутија.
Пакувањето на сапунот Стојневи го правиме рачно.
Сè е рачно и 100% природно.
Како вашиот производ им помага на луѓето, кои се бенефитите од користењето на овој сапун и по што се издвојува од останатите на пазарот?
Сапуните Стојневи, бидејќи е природен производ, нема хемија во него, нама парабени, вештачки бои и мириси, се покажа како производ кој им помага на луѓето со проблеми видливи на кожата.
Лековитоста на козјото млеко е позната поради тоа што ги содржи витамините: Е, А, Б6 и Б12. Ја омекнува и ја враќа влажноста на кожата и нежно ја смирува. Комбинацијата на маслата, изобилуваат со витамините А, Д, Е и К како и минералите: калциум, фосфор, натриум, калиум и железо, омега-3 и омега-6 масни киселини, исто така голем дел на антиоксиданси и благодарение на нив ја храни кожата, го успорува нејзиното стареење, ја убрзува регенерацијата и ја прави витална и еластична.
Може да се користи за сите типови кожа и за било која возраст.
Наменет е за хигиена на цело тело. Миење на коса, одржување хигиена на брада. Редовно користење на сапунот од козјо млеко може да помогне во намалување на воспаленија на кожата. Козјото млеко е богато со алфа хидроксилни киселини, кои ги отстрануваат мртвите клетки од кожата и го потикнуваат растењето на нови и здрави клетки. Козјото млеко содржи селен, за кој е докажано дека може да ја штити кожата од штетните ултравиолетови зраци од сонцето.
Посебно се препорачува на луѓето со испукана и сува кожа како и луѓе оболени од егзема и псоријаза.
Алкален е, Ph вредноста му е повисока од Ph на нашата кожа, но бидејки кожата има својство да се обновува, таа во период од некоја минути се враќа на Ph 5,5. Но вие користејќи ги сапуните Стојневи не користите никаква хемија на вашата кожа, која е најголемиот орган на секое тело.
Природниот сапун во основа е мешавина од животинско или рестително потекло.
Сите природни сапуни се со неутрален мирис.
Не додаваме есенцијални масла за да не дојде до некоја несакана алергиска реакција кај некои корисници. Ние сакаме тоа да биде сведено на нула и да нема апсолутно никаков негативен ефект.
Да кажам дека квалитетот и исправноста на сапунот е испитана во Институтот за јавно здравје – Скопје, каде сапуните Стојневи ги исполнува критериумите за микробиолошка и хемиската чистота како козметички производ.
Рачно изработените сапуни ја чуваат нашата животна околина.
Кој гарантира за квалитетот на производот?
За квалитетот гарантираме ние „Производство на сапун Стојневи“, со тоа што, како прво го користиме Ние како цела фалмилија без разлика на години. Гарантираме за истиот квалитет и континуитет на квалитетот во иднина. А сето тоа е поткрепено со стручни луѓе кои си ја вршат работата во Институтит за јавно здравје – Скопје. Добиваме документ каде што пишува дека, испитаните примероци производи ОДГОВАРААТ на Правилнкот за критериумите за микробиолошпка и хемиска чистота на козметичките производи.
Вие сте креативниот ум што стои позади пакувањето на сапунот. Зошто токму таков дизајн?
Кога почнувавме со производството, сакав нашето производство на сапун, кое има кој да го наследи, да трае долго во иднината као бренд.
Затоа на почетокот многу размислував за изгледот и пакувањето. Првично што одлучив да грамажата биде 100 грама и да не се менува. Традиционалнот рецепт за уникатен и квалитетен сапун го имаме и тоа треба да се спакува во нешто традиционално, обично, а уникатно, но воедно и да остане производот заштитен од надворешни влијанија.
Дојдов на идеа да биде оригама која ќе се затвори и нема да може никој да го допира сапунот пред да го купи или да кажеме пред да го користи. Отварањето е така што мора да се искине опаковката.
Ваквото пакување кое е исто заштитено како лого брендот, не постои никаде во светот.
Сè е врзано, јас морав да направам прототип на првата опаковка заедо со налепницата.
За да се направи опаковката со точност во милиметри треба да го имате сапунот како готов, сапунифициран и спремен за пакување. За да биде сапунот спремен за пакување, треба да имате калуп и ножеви за сечење веќе дефинитивно оформени за производство, каде што сапунифицираниот сапун ќе тежи 100 грама. Малу сложено и врзано едно со друго, но ако сам не го направам немаше кој да го направи за мене така како што сакав и како што требаше.
Целокупната работа сè уште ја работам со огромна љубов и посветеност. Многу ме радува кога ќе се јават или индирекно ќе слушнам задоволни или презадоволни луѓе од сапуните Стојневи. Тоа се заслужува само кога ќе се вложиш целосно за да направиш нешто кое некој кој не го познаваш ќе биде презадоволен и ќе ти се заблагодари.
Кои се вашите канали на продажба?
Производство на сапун Стојневи во Македонија соработува исклучиво само со Маркетите ДМ. Презадоволен сум од соработката, од вработените во маркетите и во дирекцијата. Сакам да ги поздравам и да им се заблагодарам за одвоеното време за нас.
Нудите уникатен производ, дали сте подготвени за извоз?
Па уникатноста на производот на сапуните Стојневи е можеби уникатен и на Балканот ако не и пошироко. Има и други производители, кои ги нудат своите сапуни како сапуни од козјо млеко, тие не се такви. Тоа се сапуни направени со дестилирана вода и можеби една чаша козјо млеко, кои можат да произведуваат сапун низ целата година. Ние произведуваме сапун во кој нема ниту капка вода и се произведува во период од јуни до септември кога имаме квалитетно млеко. Тогаш се изработува количина за цела година за во Маркетите ДМ во цела Македонија. Тој период би бил и производство за извоз.
Имав еден обид за извоз за Холандија, но почна короната и тоа се прекина. Сè уште не сум нашол луѓе за повторен извоз. Спремен сум за да направам било која количина на сапун за извоз, но треба речиси сега да се договараме со луѓето што би работел извоз за да можам да договорам количини на млеко која зависи од количините на сапуни за извоз. Договарањето за извоз на нашите сапуни неможе од сега за месец дена, значи ако земеме да направам сапун на почетокот на јуни, тој треба јуни и јули да седи нареден и да трае процесот на сапунификација, а на пазарот тој сапун може да се појави на почетокот на август.
Така да ако е голема количината за извоз и да треба да има континуитет треба да се договара сега, а извозот најрано да започне на есен. Така е со производство и пласирање на природните производи за разлика од хемиските.
На што ќе бидете фокусиран оваа година и во која насока сакате да го развивате својот бизнис? Какви се вашите планови за во иднина?
Видете. 2025 година ќе биде фокусирана најпрво на довршување на поголем погон за производство кој е при крај и на зголемувањето на асортиманот на сапуните.
Квалитетот, формата и изгледот ќе останат исти. Промената кај новите производи сапуни ќе биде во тоа што ќе имаат додатоци од типот, наменети за пилинг, или за масажа против целулит и слично.
Потоа комбинации на пакети од неколку сапуни. Сето тоа е за македонските потрошувачи. Најтешкиот дел, каде треба да се вложи доста е извозот. Посета на некои саеми и барање можност за извоз надвор од границите на Македонија.
Во бизнисот се вклучени и членовите на Вашето семејството. Што би им препорачале на младите кои сакаат да се вклучат во семеен бизнис или да развијат свој?
За ваков начин на производство каде што е вклучено целото семејство, треба разбирање и почит во работата кај сите за да може да опстане семејниот бизнис.
Кај нас е вклучено целото семејство. Во производството сум со мајка ми со која ни требаат 4 часа за да го спремиме и сипеме сапунот во калуп. Останатиот дел од семејството се вклучени во пакувањето, лепење налепници, диструбуција. Сè зависи кој ден во неделата кој е слободен за да се однесат сапуните во ДМ Маркетите.
Што би перпорачал на младите:
Најпрво да поразговараат со своите родители или семејства дали можат да започнат некој семеен бизнис. Ако заедно го пронајдат, заедно и ќе го градат како бренд. Од сè може да се направи бизнис треба само добра идеја, а средства се наоѓаат лесно бидејќи треба да се надоградува во семејството. Тука не е еднократно инвестирање туку во континуитет, како се зголемуваат повратните средства така ќе се зголемуваат и чекорите во нагорна линија. Само верба во себе и другите, истрајност и упорност за да не се откажат и успехот ќе се види. Колку ќе се вложуваат толкаво ниво на успех ќе постигнат.