
Италијанската „UniCredit“ објави дека ќе продолжи да финансира мали и средни компании во Германија во контекст на преземањето на „Commerzbank“, со што ги исполни желбите на германската влада, која долго време беше скептична во врска со преземањето.
Во периодот од околу две години, кога „UniCredit“ се обидуваше да добие мнозинско сопствеништво во „Комерцбанк“, од германска страна постојано постоеше страв дека германските компании би можеле да бидат во недостиг на финансирање поради влезот на втората по големина италијанска банка.
„Ќе ја зајакнеме поддршката за деловните клиенти потпирајќи се на постојната мрежа и деловните односи на HVB и Commerzbank и дополнително ќе го зголемиме нашиот капацитет за финансирање на растот на компаниите“, изјави извршниот директор на UniCredit, Андреа Орсел.
UniCredit објави повеќе финансирање за компаниите за да им помогне со стратешки инвестиции, трансформација на бизнисот, аквизиции и раст, а Commerzbank изрази задоволство од најавата.
Италијанската банка е присутна на германскиот пазар преку Hypovereinsbank (HVB), која ја презеде во 2005 година.
Кон средината на октомври, UniCredit објави дека добила одобрение од Европската централна банка (ЕЦБ) за стекнување дополнителни акции на Commerzbank и преземање на контролата. Тие добија, како што наведоа, одобрение за преминување на прагот од 30 проценти од акционерскиот капитал на Commerzbank, како и за понатамошно зголемување на уделот, без ограничувања.
Завршувањето на преостанатите регулаторни процедури и услови за финализирање на понудата за Комерцбанк се очекува до крајот на годината. Во тој момент, UniCredit би имал околу 50 проценти од правата на глас во Commerzbank, што би ѝ дало контрола врз германскиот заемодавач.
Германската влада држи нешто повеќе од 13 проценти од акциите на Commerzbank и сака заемодавачот да го задржи своето седиште во Франкфурт, со акции котирани на берзата во Франкфурт, и да продолжи да финансира мали и средни претпријатија.
Според информации од луѓе запознаени со плановите, основното сценарио предвидува UniCredit да ја преземе контролата врз Commerzbank до крајот на февруари 2027 година, додека во најдобар случај тоа би можело да се случи веќе во јануари.











