Уништени 14,8 тони небезбедна храна за три месеци

37

Повеќе од 14,8 тони небезбедна храна од животинско и неживотинско потекло, уништиле инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство во рамки на спроведените 12.532 инспекциски надзори во третото тримесечје од годинава. Согласно Законот за безбедност на храна, од вкупно уништените над 43 тони небезбедна храна, во јули, август и септември, самите оператори уништиле 28,5 тони, кои не ги задоволувале критериумите за безбедност.

За констатираните недоследности со контролите, инспекторите за храна и официјалните ветеринари, во рамки на извршените 6.251 редовни, 1.077 контролни и 5.204 вонредни инспекциски надзори, во овој временски период, донеле 1.455 решенија, изрекле 467 мерки едукација и поднеле пет прекршочни пријави.

Агенцијата за храна и ветеринарство во третото тромесечје од 2020 година, нема евидентирано забранети ниту уништени пратки со увозни производи од неживотинско потекло и пратки со материјали кои доаѓаат во контакт со храната. Како небезбедни, забранет е влез во државава на четири пратки увозни производи од животинско потекло, со вкупна количина од 19 тони и 753 килограми. Во јули, август и септември, Агенцијата за храна и ветеринарство, нема евидентирано уништени производи од животинско потекло од увоз.

За извоз на храна од неживотинско потекло, во јули, август и септември, издадени биле 716, а за извоз на храна од животинско потекло – 458 сертификати.

Фото: Freepik